Голманот на Арсими, Дејан Сиљановски, испрати јасна и самоуверена порака во пресрет на натпреварот против Вардар. Тој истакна дека нивниот следен противник поседува голем квалитет, но нагласи дека Арсими нема да излезе на терен со бело знаме, туку со амбиција да дојде до позитивен резултат.
Победата во Купот во средата против АП Брера во Струмица дополнително ја подигна атмосферата во соблекувалната на Арсими. Тимот е во добро расположение и со зголемена самодоверба го очекува претстојниот предизвик против еден од најреномираните клубови во македонскиот фудбал.
“Свесни сме дека Вардар е екипа со голем квалитет и дека нe очекува тежок натпревар. Сепак, ние немаме што да загубиме. Ќе излеземе на терен без притисок, со голема мотивација и со јасна цел да го дадеме максимумот и да се бориме за позитивен резултат.
Победата против АП Брера во Струмица ни донесе одлична атмосфера и дополнителна самодоверба. Сега останува да продолжиме во истото темпо и да покажеме дека можеме рамноправно да се носиме со секој противник”, истакна голманот на Арсими.
Во таборот на Арсими владее оптимизам пред дуелот со Вардар, а играчите се решени да го дадат својот максимум и да се обидат да направат изненадување. Натпреварот претставува вистински тест за тимот од Чегране, кој ќе бара нов позитивен резултат и продолжување на добрата форма во тековната сезона.
Натпреварот помеѓу Арсими и Вардар ке се одигра денес со почеток од 12 часот на градскиот стадион во Гостивар.





