Струга ТЛ запиша трета победа во петтиот натпревар во Првата лига, откако на свој терен убедливо ја совлада штипска Брегалница со 4-0. За штипските „сини“ ова беше третиот пораз на третото гостување сезонава, покажувајќи дека на гостински терен не се иста екипа како на својот стадион во Штип.
Првите два гола беа дело на Христијан Малески. Најпрво во 14. минута кога Воша од десната страна нафрли до Шабани, чиј шут беше изблокиран, па топката стигна до Малески, кој се најде сам на 6-7 метри за да го совлада Јашар. Тоа беше резултат и на полувремето.
Само што почна вториот дел, Малески го постигна и вториот гол. Шабани се најде на десната страна во дуел со Рајков, а играчот на Брегалница во обид да ја избие топката, на крајот само му асистираше на Малески, кому не му беше тешко да го постигна и вториот гол.

Брегалница имаше шанса преку Темелков да намали, но неговиот обид со глава отиде само крај голот.
Две минути после оваа шанса и трет гол во мрежата на Брегалница. Долга топка од Белица кон нововлезениот Агама, кој го користи недоразбирањето на одбраната и голманот Јашар, за да погоди во празната мрежа.
Следуваше обид на Стојанов кој го одбрани Василев, а целосниот „распад“ на Брегалница продолжи и во 75. минута кога на додавање на Бојку, Шабани излезе сам пред голот на гостите, го совлада Јашар за 4-0.
Малески пропушти одлични две можности за „хет-трик“, но не успеа во неговата намера да дојде и до трет гол за него, и петти за својот тим од овој натпревар, заврши без успех.





