Тимот на Струга Трим Лум денеска (16 часот) ќе му гостува на Тиквеш во Кавадарци, со јасна цел – да ја запише првата победа на гостински терен оваа сезона.
Стружани во одлично расположение го очекуваат дуелот, откако во понеделникот го совладаа Силекс и стигнаа до четвртиот последовен триумф на домашен терен. Сега амбициите се истото да се стори и на гостинска сцена.
Минатата сезона, Струга ТЛ славеше со минимални 0-1 во Кавадарци, а единствениот гол го постигна Меметриза Хамза. Токму тој повторно ќе биде еден од играчите од кои гостите очекуваат многу.
„Атмосферата во екипата е одлична. Работевме максимално во текот на целата недела и сите сме целосно фокусирани на натпреварот. Знаеме дека нè очекува тежок дуел, но веруваме во себе и во групата. Со максимална ангажираност и дисциплина се надеваме дека ќе стигнеме до резултатот што го посакуваме во Кавадарци“, изјави Хамза.

Младинскиот репрезентативец очекува тежок натпревар, но верува дека Струга ТЛ има квалитет да му се спротивстави на Тиквеш.
„Го почитуваме Тиквеш и знаеме дека има квалитетен состав, особено по победата против Шкендија. Но, ние си ги знаеме нашите квалитети и нашата сила. Подготвени сме и ќе дадеме максимум од првата до последната минута за да ја бараме првата гостинска победа“, заврши Меметриза Хамза.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Струга Трим Лум е закажан за денеска, со почеток во 16 часот, на Градскиот стадион во Кавадарци, а ќе го суди Игор Стојчевски.





