Шкендија денеска гостува во Гостивар со јасна цел – експресно враќање на победничките патеки и реакција по неочекуваниот пораз од Тиквеш во минатото коло. Десниот бек Александар Трумчи ги сподели своите размислувања за анализираните грешки и подготовката на тимот за претстојниот дуел против екипата на Арсими.
„ Секако дека тој пораз не ни падна лесно, особено ако се има предвид дека зад себе имавме низа од пет последователни победи. Сепак, ја анализиравме играта и ги констатиравме нашите грешки. Без да му одземеме ништо од заслугите на противникот — кој си го одигра своето — факт е дека ние самите, со нашите пропусти, дозволивме мечот да оди во таков правец“, истакна Трумчи.
Дефанзивецот на тетовските „црвено-црни“ верува дека тимот ќе покаже вистинска реакција на теренот.
„Напорно работевме по поразот за да ги отстраниме сите недостатоци. Арсими е сериозен ривал и свесни сме дека секоја екипа може да ни направи проблем доколку не влеземе со максимална сериозност и не ја наметнеме нашата препознатлива игра. Сепак, во Гостивар одиме да дадеме сè од себе и да ги освоиме сите три бода.“

Дрилон Ислами е суспендиран поради црвениот картон од претходниот меч со Тиквеш, додека Бојан Димоски сè уште се рехабилитира од повредата.
Бразилскиот играч за врска Рафаел Фреитас веќе неколку дена тренира со максимален интензитет и ќе биде во комбинација за настап. Во тимот се вратија и Ендрит Красниќи, напаѓачот Марко Ѓорѓиевски и голманот Бабукар Гаје.
Дуелот меѓу Арсими и Шкендија се игра денеска на градскиот стадион во Гостивар со почеток од 16:00 часот, а правдата на овој натпревар ќе ја дели Влатко Илиоски.





