Падна Шкендија, а сега Тиквеш сака триумф над уште есен фаворит. Струга ТЛ е на “менито” на тимот од Кавадарци, со надеж дека ќе продолжи добрата серија.
Атмосферата во Тиквеш е одлична по победата над фаворитот, и сега тимот се надева дека ќе има влијание и за денешниот дуел со Струга ТЛ.
“По триумфот над Шкендија и играта што ја прикажавме, атмосферата е одлична и се чувствува дека целата македонска фудбалска јавност ќе нè гледа со други очи, бидејќи покажавме дека сме квалитетна екипа која функционира како едно. Тоа го покажавме уште од почетокот на сезоната, а не само на последниот натпревар.
Струга важи за една од најдобрите екипи, која и оваа година ќе се бори за титулата. Имаат одлична одбрана, со најмалку примени голови, играат многу дисциплинирано и ги користат сите шанси што ќе им се укажат. Имаат одлични индивидуалци во нападот кои со еден потег можат да го решат натпреварот.
Очекувам тврд натпревар, во кој деталите ќе одлучуваат и кој ќе биде неизвесен до самиот крај.
Ние, секако, имаме наш план како да го одиграме овој натпревар и мислам дека, доколку играме според планот и насоките дадени од нашиот стручен штаб, можеме да дојдеме до позитивен резултат. Во тоа секако ќе ни помогне и нашата верна публика, која има огромен придонес”, вели Христијан Стевковски, голманот на Тиквеш.





