Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Планет Груп арената во Гент ќе го одржи последниот тренинг пред одигрувањето на квалификацискиот дуел против селекцијата на Белгија кој е на програмата утре со почеток во 20 часот и 45 минути.
“Белгијците сега знаат против кого играат. Сметам дека тие сега ќе имаат поголем респект кон нас. Мислам дека притисокот е врз нив. Ние секој натпревар го играме исто, се подготвуваме на ист начин. Нормално е како тече циклусот да се зголемува и притисокот, но треба да го тргнеме на страна и да одиграме како што знаеме и да обидеме да стигнеме до добар резултат”, изјави Александар Трајковски.
“Сепак, мислам дека ова ќе биде добар натпревар и дека нема да им биде лесно ниту на нив. Како што доаѓа крајот на квалификациите притисокот расте, исто е за нив и за нас. Ова ќе биде една од поважните средби која може да го реши патот во финишот на циклусот. Белгија без разлика на генерацијата, секогаш е силна, произведува добри играчи и неслучајно е таму каде што е“, заврши членот на националниот тим.





