Вардар сака да стави крај на лошата низа

Актуелниот шампион Вардар на лош начин го стартуваше новото првенство на Македонија. Забележа два порази во првите три кола, и остана без бодови на двете пресметки против конкурентите за титулата, Шкендија и Струга Трим Лум.

Ако се земе во предвид и европската елиминација од Рига, тогаш вардарци се во низа од три порази по ред, негативна серија што не им се случила многу долг период.

Од тој аспект, денешниот меч против Силекс е многу значаен за „црвено-црните“. Едноставно, мора да победат за да стават крај на лошата низа, но ќе мора да се изборат и со притисокот што го носи овој натпревар, дека мора да се освојат трите бода.

Атмосферата во тимот не е на највисоко ниво, поразите си го сторија своето, а се појави и клупска недисциплина кај одредени фудбалери. Со сето ова мораат да се справат Матија Мирков и Христијан Кировски, кои се во раководна улога откако замина аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани.

Вардарци во изминатава недела беа фокусирани на работата, се обидоа да останат затворени и со тренинзи да ги надминат проблемите и да се подготват за новиот дуел со Силекс. Сите се во очекување, дали конечно шампионот и ќе одигра шампионски.

Натпреварот меѓу Вардар и Силекс е закажан за денеска, со почеток во 17 часот, на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.