Лидерот во домашното првенство екипата на Вардар на домашен терен денеска од 14:30 часот ќе го стартува третиот и воедно последен круг од годинешниот државен шампионат.
„Црвено – црните“ се враќаат на Арената Тодор Проески откако неколку мечеви ги одигра на комплексот Петар Милошевски, а денеска таму пристигнува екипата на АП Брера Струмица.
Екипа која што пролетва нанижа неколку добро одиграни средби, и која секако дека посакува на нашиот најголем стадион да се прикаже во најдобро светло.
Од друга страна пак, Вардар се знае дека на секој меч оди на победа, и затоа е и со статус на лидер на табелата.
„Нормално дека како и на секој меч и денеска се очекува наш триумф. Ова е Вардар и нема отстапки од тоа. АП Брера е квалитетен ривал, но ние немаме друга опција освен три бода. Арената секогаш е мотив плус да се одигра супер меч, во најдобри можни услови“ – велат од таборот на „црвено – црните“.
На последните три меча скорот на Вардар е колоритен што се вели. Ремито во Струга, па шок поразот против Шкендија во домашни услови за да на крајот од вториот круг биде освоен цел плен во Кратово. Лидерското место сеуште е сигурно со три бода предност пред Шкендија.
АП Брера пак е седма со 28 поени, и во овој дуел влегува по одличните 1:1 во Тетово против актуелниот бранител на титулата, Шкендија во изминатото коло.





