„Во Кавадарци против секого одиме на три бода“, најавуваат од Тиквеш

Во Кавадарци денеска Тиквеш ќе го нагости тимот на Брегалница, во првиот натпревар од 9. коло во Првата македонска фудбалска лига, и прв меч после репрезентативната пауза.

Тиквеш е во одлична серија на натпревари без пораз и влегува во пресметката со Брегалница со цел да ја продолжи таа низа, но и да дојде до трите бода.

„Ова беше долга пауза, и направивме мини подготовки во овие денови. Се надевам дека сега после паузата ќе продолжиме онаму каде што застанавме. Имавме неколку нерешени средби од пет меча, но на сите натпревари прикажавме добра игра. Играме против Брегалница, која има тим за респект, со добри играчи. Сепак, ние играме на домашен терен, одиме на три бода со секого и се надевам дека на крајот бодовите ќе останат во Кавадарци“, вели капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски.

Мечот помеѓу Тиквеш и Брегалница се игра во 12:00 часот на Градскиот стадион во Кавадарци.