Во Чаир се одигра интересен натпревар меѓу Шкендија од Арачиново и Шкендија од Тетово, кој заврши без победник, 1:1.
Тетовскиот тим беше подобар противник во поголемиот дел од натпреварот и создаде неколку одлични можности уште во првото полувреме.

Во 13. минута, по слободниот удар на Ендрит Красниќи, Тамба се најде во добра позиција, но неговиот удар заврши во стативата. Само неколку моменти подоцна повторно се закани истиот фудбалер, но голманот Столевски одлично интервенираше. Набргу потоа се обиде и Красниќи со силен удар, но чуварот на мрежата на домашните повторно беше на висина на задачата.
Постојаниот притисок на гостите вроди со плод во 27. минута. Красниќи одлично го пронајде Криезиу, кој беше соборен од домашниот голман во шеснаесетникот. Главниот судија без двоумење покажа на белата точка, а токму Красниќи беше прецизен од пенал за водство на Шкендија од Тетово од 0:1.

И во второто полувреме гостите имаа повеќе од играта и создадоа неколку добри шанси, но не успеаа да го зголемат водството.
Казната стигна во 77. минута кога резервистот Марко Симоновски се најде на вистинското место и ја затресе мрежата за израмнување на 1:1.

Генерално, натпреварот беше коректен и со иницијатива на поранешниот шампион од Тетово, но Шкендија од Арачиново уште еднаш покажа дека поседува квалитет и карактер. Скопскиот тим потврди дека ќе биде незгоден противник за секоја екипа во Првата македонска фудбалска лига.

Двете Шкендии мораа да се задоволат со поделба на пленот. Тетовчани остануваат лидери на табелата со 20 бода и во следното коло ќе играат со Скопје во Автокоманда, додека арачиновци стигнаа до 14 бодови и ќе се подготвуваат за средба со Струга Трим Лум на домашен терен.





