Младата футсал селекција играше нерешено против Црна Гора

Футсал репрезентацијата на Македонија до 19 години одигра нерешено 1:1 против соодветната селекција на Црна Гора во првиот контролен натпревар меѓу двете репрезентации, кој вечерва се одигра во Тиват.

Избраниците на селекторот Зоран Лекиќ поведоа во 16. минута, кога Јован Бојчев ја затресе мрежата на домаќините за предност на Македонија од 1:0.

Црна Гора успеа да израмни во 28. минута преку Лазар Воротовиќ, поставувајќи го конечниот резултат од 1:1.

Во 32. минута домаќините имаа можност да направат целосен пресврт, но не успеаја да реализираат удар од белата точка. Одлична реакција имаше нашиот голман Илија Петрески, кој го одбрани пеналот и не дозволи противникот да стигне до предност.

Македонската футсал репрезентација до 19 години утре, со почеток во 11:00 часот, ќе го одигра и вториот контролен натпревар против Црна Гора, воедно и нова можност за проверка на формата и напредокот на младите репрезентативци.

Македонија: Алек Тошевски (голман), Михаил Гоговски, Леонид Стоевски, Лука Давитковски, Климент Ѓошев, Аки Мехмедалиев, Христијан Ризов, Јован Бојчев, Илија Петрески (голман), Јован Лембевски, Александар Крстевски, Матеј Анѓеловски, Бојан Пешев и Дамјан Ивановски (голман).

ФОТО: fscg.me