Македонија до 19 години со драматична победа над Малта за крај на квалификацискиот турнир

Репрезентацијата на Македонија до 19 години со победа од 3-2 против Малта го заврши настапот на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство. Нашите млади фудбалери до трите бода стигнаа по драматична завршница и гол во судиското надополнување.

Македонија поведе во 32. минута со погодокот на Филип Цветковски и долго време ја чуваше предноста. Сепак, Малта успеа да израмни во 76. минута преку Зиас Њуел.

Одговорот на нашите репрезентативци пристигна во 81. минута, кога Јаков Стојковски повторно донесе водство за Македонија. Драмата продолжи во самиот финиш, откако Дензел Атард во 89. минута постигна гол за 2-2.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, Габриел Талески во судиското надополнување ја затресе мрежата на Малта за конечни 3-2 и заслужена победа на Македонија.

МАКЕДОНИЈА до 19 години: Павел Грбевски (Г), Албан Рочи (87` Матео Кесики)Матео Кесики, Кристијан Марковски, Филип Цветковски, Анес Абдурахмани, Александар Грашевски (87` Љавдрим Касами), Габриел Талески, Иван Танчев (К) (71` Антиан Емини), Јован Мрмачовски (87`Мухамед Мустафи), Јордан Дамевски (62` Лорент Жаку), Јаков Стојковски; Селектор: Димитар Капинковски.

Македонија го заврши квалификацискиот турнир на второто место во групата 5 со освоени четири бода, зад првопласираната Швајцарија, која освои максимални девет бодови. Во претходните два натпревари нашата селекција минимално загуби од Швајцарија (0-1), додека против Северна Ирска одигра нерешено без голови (0-0).