Македонија до 17 години со пораз од Турција, но обезбеди пласман во елитната квалификациска рунда

Репрезентација на Македонија до 17 години со пораз од Турција, 0-3 го заврши настапот во првата квалификациска рунда за пласман на Европското првенство, на турнирот во Унгарија. И покрај поразот во последниот натпревар, избраниците на селекторот Иљами Исејни го обезбедија второто место во групата и пласман во елитната квалификациска рунда.

Турција ја потврди првата позиција со максимални девет бода од три натпревари. Стрелци на денешниот дуел за турската селекција беа Дениз, Кабакташ и Сиваслиоглу.

Македонија го заврши турнирот со шест освоени бода, остварувајќи значајни победи против домаќинот Унгарија, 3-2 и Сан Марино, 1-0.

Изненадување на последниот ден приреди Сан Марино, кој ја совлада Унгарија со 3-2 и со тоа го освои третото место во групата. Домаќинот го заврши квалификацискиот турнир на последната позиција без освоен бод. Пласманот во елитната квалификациска рунда е значаен чекор за нашата селекција и можност за продолжување на борбата за место на завршниот турнир на Европското првенство.