Фудбалерите на Шкендија од Арачиново ќе се обидат да ја прекинат серијата од четири натпревари без победа во Првата лига, кога во рамките на новото коло ќе се соочат со тимот на Тиквеш на стадионот во Чаир.
Арачиновци во меѓувреме ја прекинаа кризата и со победата од 2:0 против Башкими во Куманово изборија пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија. Крилниот напаѓач Аритон Мехмеди верува дека позитивната енергија и добрата атмосфера ќе се пренесат и на денешниот дуел против кавадарчани, кои во овој меч влегуваат по значајниот триумф над Вардар во Купот.
„Не очекува важен натпревар против Тиквеш, противник кој заслужува максимална почит. Свесни сме за значењето на овој дуел и мотивирани сме да го дадеме најдоброто од себе на теренот. Во текот на неделата работевме напорно и посветено, па верувам дека сме целосно подготвени за предизвикот“, изјави Аритон Мехмеди, крилниот напаѓач на Шкендија Арачиново.

Мехмеди потенцира дека главното оружје на тимот треба да биде колективната игра и борбеноста.
„Како тим имаме јасна цел – да одиграме дисциплинирано, со карактер и борбен дух, и да оствариме позитивен резултат. Знаеме што значи да се носи дресот на Шкендија Арачиново и ќе направиме сè за достојно да ги одбраниме клупските бои. Верувам во моите соиграчи и во заедничката работа. Се надевам дека ќе ги покажеме нашите квалитети на теренот и ќе ги израдуваме нашите верни навивачи“, порача Мехмеди.
Во единствениот претходен меѓусебен дуел во Првата лига, Шкендија славеше минимална победа од 1:0 на гостински терен во Кавадарци.
Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Тиквеш се игра на стадионот во Чаир, со почеток во 12:00 часот, а главен судија на мечот ќе биде Стојанче Стојанов.





