Димовски: Одиме во Штип по три бода

Екипата на Шкендија од Тетово патува за Штип со јасна цел – освојување на трите бода и зачувување на лидерската позиција на табелата, во уште едно традиционално дерби кое секогаш носи висок ривалитет. Левиот бек на тетовци, Бојан Димовски, верува дека тимот ги направи сите потребни подготовки за овој тежок предизвик.

„Работевме напорно во текот на целата недела и максимално се подготвивме за овој натпревар. Сметам дека сме целосно подготвени. Нè очекува важен тест на гостински терен, но за нас не е пресудно каде играме – дали дома или на гости. Шкендија секогаш оди на победа, така ќе биде и против Брегалница. Се надевам дека ќе дадеме максимум и ќе ги освоиме сите три бода“, истакна Димовски.

Дефанзивецот на Шкендија потенцира дека меѓу двата клуба постои големо пријателство надвор од теренот, но работите се менуваат со првиот судиски свиреж.

„Брегалница е секогаш интересен противник и дуелите со нив биле привлечни за гледање. Надвор од теренот имаме одлични пријателски односи меѓу клубовите, но кога ќе започне мечот, сè станува непредвидливо бидејќи секој се бори за својот успех. Затоа и ние одиме во Штип исклучиво по трите бода“, додаде Димовски.

По 11 одиграни кола, Шкендија е лидер на табелата со 24 бода, додека Брегалница се наоѓа на 7-то место со 13 бодови.

Натпреварот меѓу Брегалница и Шкендија се игра на градскиот стадион во Штип со почеток во 14:30 часот, а главен судија на мечот ќе биде Влатко Илиоски.