Рашид: Со поддршката од навивачите до позитивен резултат

Екипата на Башкими, со победата над Арсими (2-1), ја прекина серијата од 3 порази по ред и освои големи бодови во борбата за опстанок. Кумановскиот тим верува дека кризата со резултатите е надмината и дека со поддршка од домашната публика ќе освои нови бодови на стадионот во Куманово.

„Ова е еден од најважните натпревари за нашиот тим во оваа полусезона. Се надеваме дека ќе ја продолжиме серијата победи и ќе ги земеме трите исклучително вредни бодови. За да го постигнеме тоа, ни потребна поддршка од секој кумановски навивач. Заедно сме посилни“, изјави меѓу другото Антонио Рашид Да Силва.

Во 12-те досегашни пресметки меѓу Башкими и Брегалница, традицијата е на страната на тимот од Куманово, кој има 7 победи наспроти Брегалница која брои само 2 победи. Во меѓувреме, 3 средби завршиле без победник.

Натпреварот меѓу Башкими и Брегалница од Штип ќе се одигра на стадионот на Башкими со почеток во 12:00 часот, а главен судија на натпреварот ќе биде Бенјамин Керими.