Артим Положани: Поразени сме со гол од една полушанса

Струга ТЛ минимално, со 1:0, ја победи Шкендија во дербито од 13-то коло. Единствениот гол за домашните го постигна Малески во 79. минута, со што стружани го презедоа првото место на табелата во Првата лига.

„Не беше рамноправен натпревар, кога ние цело време имавме иницијатива на теренот, шанси, а трипати имаше и реакција на ВАР-системот. Мислам дека денеска бевме подобар противник од Струга ТЛ. Со една шанса или полушанса ни дадоа гол, а цело време се бранеа. Но, фудбалот е таков – ако не даваш гол, нормално е дека ќе примиш. Сега следува пауза која многу ќе ни помогне, бидејќи ова ни е 19. натпревар оваа сезона и одморот ќе биде добродојден. Мислам дека треба да ја искористиме да одмориме повеќе играчи, бидејќи имаме одиграно премногу натпревари. Паузата ќе ни влијае позитивно“, истакна тренерот на Шкендија, Артим Положани.

Од другата страна, тренерот на Струга ТЛ не беше задоволен од првото полувреме.

„Мислам дека беше добар натпревар и освоивме три важни бода. Сепак, сметам дека во првото полувреме не одигравме како што треба и не го спроведовме тоа што го вежбавме цела недела. Сакам да им се заблагодарам на играчите кои во второто полувреме се растрчаа и заслужено стигнаа до победата. Што се однесува до шампионската трка, конкуренцијата е голема – тука се Шкендија, Вардар и Тиквеш кои имаат одлични екипи. Ние ќе гледаме на секој натпревар да победиме, па дај Боже на крајот да бидеме први. Мислам дека имаме добра екипа“, изјави Бленди Шкемби, тренерот на Струга ТЛ.