Скопје сака да избегне пораз и во Кавадарци

Фудбалерите на Скопје во минатото коло успеаја на домашен терен да го сопрат Силекс и да освојат бод, а денеска се наоѓаат пред ново големо искушение. Избраниците на Иван Варадиновски гостуваат во Кавадарци и ќе се обидат да му се спротивстават на Тиквеш, тим кој игра одлично, посебно на домашен терен.

Рецептот треба да биде речиси идентичен, цврста и организирана одбрана и згуснат среден ред кој ќе се обиде да ги задржи главните адути на противникот.

„Подготвени сме за надигрување и се надеваме на позитивен резултат“, порачуваат од тимот од Автокоманда во пресрет на натпреварот.

ФК Скопје и понатаму е без победа во елитата од стартот на првенството и се наоѓа на последната позиција на табелата со четири освоени бода. Тиквеш е третопласиран со 21 бод.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Скопје закажан за 13 часот на Градскиот стадион во Кавадарци и ќе го суди Благојче Ралевски.