Во вистински дерби-натпревар одигран на стадионот во Штип, Шкендија тргна фуриозно. Уште во првата акција на мечот, Ендрит Красники мајсторски асистираше во казнениот простор, а Ндзенгуе ладнокрвно ја затресе мрежата за рана предност.
Малку подоцна, Круезиу упати вистински проектил од далеку кон домашниот гол, но на висина на задачата со брилијантна интервенција беше голманот Амир Јашар. Брегалница се закани во првиот дел кога Мартин Стојанов се обиде со лоб-удар да го совлада гостинскиот голман, но Гаје со крајни напори ја исфрли топката во корнер.
Кратко потоа, истиот фудбалер организираше брз противнапад, но неговото додавање пред голот беше за влакно пребрзо за Максимов на втората статива.

Во 35. минута, Тамба проби во шеснаесетникот и опасно шутираше, но Јашар повторно спасуваше со сигурна интервенција. Во продолжението од истата акција се закани и Круезиу, но домашната одбрана во последен момент расчисти пред гол-линијата.
И кога се чинеше дека Шкендија ја контролира играта, во 39. минута следеше шок и израмнување – 1:1. Максимов се проби по десната страна и одлично проигра до Христијан Стојковски, кој од околу 17 метри прецизно стрелаше во мрежата, постигнувајќи го својот прв гол сезонава во дресот на Брегалница.

Вториот дел започна со закана на домашните: Глигоров се најде целосно осамен на само шест метри од голот на Шкендија, но неговиот удар немаше јака завршница и заврши директно во рацете на сигурниот Гаје. Истиот играч малку подоцна го пронајде Максимов, но овој пат шутот безнадежно заврши како лесен плен.
Казната за пропуштените шанси на штипјани стигна брзо. Во 73. минута, симултана и блескава контранапад-акција на Шкендија – искусниот Бесарт Ибраими мајсторски асистираше во срцето на зоната, а Марко Ѓорѓиевски од седум метри смирено погоди за ново водство и 1:2.

Брегалница се обиде да се врати преку Натаниел Маско во 78. минута, но неговиот удар заврши високо над голот. Домашните имаа можност да дојдат до бод, но голманот на Шкендија одбрани пенал кој во четвртата минута од судиското надополнување не го искористи Иван Николов.
Во следното, 13. коло, Шкендија ја очекува ново тешко гостување кај Струга ТЛ, додека Брегалница ќе се соочи со Башкими во Куманово.





