Еден гол го реши градското дерби, Пелистер поуспешен од Охрид

Денеска на програмата беа шест натпревари од шестото коло во Втората фудбалска лига.

Дуелот меѓу градските ривали Македонија ЃП и Работнички им припадна на гостите, а натпреварот го реши Андреј Кудијан со погодокот што постигна во 76. минута.

Еден гол му беше доволен на Пелистер да го совлада директниот конкурент за првото место Охрид Лихнидос. Победничкиот погодок за Битолчани беше дело на Кире Стојанов, кој во листата на стрелците се запиша во 41. минута.

Гостинска победа забележа Новаци во соочувањето со Кожуф. И во Гевгелија победникот беше решен со еден гол, а стрелец беше Христијан Драгарски кога по точно еден час игра го совлада противничкиот голман.

Нови три бода освоија и фудбалерите на Камјани кои славеа во соочувањето со Детонит Плачковица. И на овој натпревар постигнат е еден погодок, а стрелец е Арсим Љамалари во 42. минута.

Мрежите мируваа на дуелите Еуромилк – Беласица и Тетекс Осогово. Шестата рунда ќе се комплетира в недела со мечот меѓу АП Брера и Шкупи, а почетокот е закажан за 15 часот и 45 минута.