Актуелниот шампион Вардар не ја започна според планот новата сезона во Првата лига, а во последното коло не успеа да стигне до три бода против Башкими играјќи 3-3 во Куманово. Но, тоа е веќе минато, а вардарци се фокусирани на новиот предизвик и сакаат да се вратат во победнички колосек.
На стадионот на комплексот на ФФМ, Вардар вечерва го пречекува составот на Шкендија Арачиново, можеби и најпријатното изненадување во досегашниот тек од првенството.
Избраниците на Миодраг Божовиќ размислуваат единствено за победа и три бода, а ставот го пренесува Михаил Маневски.
„Вардар е актуелен шампион и ние секогаш размислуваме само за победа. Така е и во пресрет на вечерашниот меч против Шкендија Арачиново. Тие се во одличен ритам и нанижаа неколку победи, а тоа е уште еден мотив повеќе за нас да бидеме максимално подготвени и да пристапиме кон овој дуел со должно внимание. Подготвени сме за надигрување и ги посакуваме трите бода“, вели Маневски.
Во моментов, Шкендија Арачиново е подобро пласирана од Вардар на табелата и се наоѓа на четвртата позиција, со два повеќе од актуелниот првак.
Натпреварот е закажан за 20 часот на теренот на Фудбалската федерација на Македонија, а ќе го суди Доне Ристовски.





