Bregalnica are going for points in Kumanovo to move away from the „danger zone“

Пред екипата на Брегалница е гостување во Куманово кај екипата на Башкими во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига. Само една победа и вкупно четири бодови има штипскиот тим од гостувањата сезонава, а впечатокот го поправи на последното гостување кога со три бода си замина од Гостивар кај Арсими.

Од штипскиот табор се надеваат дека ќе продолжат да освојуваат бодови и на гости кои ќе го донесат опстанокот оваа сезона во ПМФЛ.

Минатото коло против Шкендија, штипјани се покажаа во добро светло, имаа и пенал во финишот да дојдат барем до бод, но немаа среќа да го реализираат и да останат непоразени.

„Против Шкендија загубивме несреќно, мислам дека не заслуживме пораз. Но, тој меч е веќе зад нас и се фокусираме кон натпреварот со Башкими. Ќе биде тешко гостување, но подготвени сме да дадеме се од себе да дојдеме до добар резултат. Нема да биде лесно, меѓутоа ние против Арсими покажавме дека можеме да победуваме и на гостински терен сезонава, па се надевам дека така ќе биде и на овој натпревар. Атмосферата во екипата е одлична, сите сме подготвени да истрчаме на терен, да дадеме се од себе за добар резултат од Куманово“, изјави Виктор Велкоски, дефанзивецот на Брегалница.