Актуелниот шампион Вардар го загуби дербито од Струга Трим Лум во минатото коло, но избраниците на тренерот Миодраг Божовиќ сакаат експресна рехабилитација на гостувањето во Кратово. Силекс не е наивен тим, особено кога игра пред домашните гледачи, но Вардар и нема друг избор, ако сака да се врати во ритам и да го одржи чекорот со водечките екипи на табелата, Шкендија и Струга ТЛ.
„Вардар на секој натпревар оди на победа“, порачуваат од таборот на „црвено-црните“, а мотивација влечат и од традицијата. На последните пет натпревари против Силекс, вардарци имаат четири победи и едно реми. Ќе се обидат да го продолжат позитивниот ефект и на денешниот натпревар во Кратово.

Силекс во минатото коло исто така не успеа да стигне до триумф, откако ремизираше на гости против последнопласираниот тим на Скопје. Тоа покажува дека и составот на Александар Васоски не е во најдобар момент.
Натпреварот меѓу Силекс и Вардар ќе се одигра на стадионот во Кратово, со почеток во 13 часот, а ќе го суди Јован Качевски.





