Десеттата рунда во второлигашката конкуренција се отвори со три натпревари во кои доминираа гостите.
Водечкиот тим на табелата Охрид како гостин го совлада Шкупи со 3:0. Серијата погодоци на стадионот во Чаир ја отвори Давид Матески уште во третата минута.
Во 37. Антонио Каланоски зголеми на 2:0, а конечниот резултат го постави Дамјан Масевски кој во листата на стрелци се запиша на пет минути пред крајот на натпреварот.

Гостинска победа забележаа и фудбалерите на Кожуф кои триумфираа со 3:1 во соочувањето против Еуромилк.
Домаќините поведоа со погодокот на Хусеин Демири во првата минута. Во финишот на првото полувреме Гевгеличани успеаа да направат пресврт.
Во 42-та минута Сашо Дуков израмни на 1:1, а две минути подоцна Дарко Гроздановски му донесе предност на Кожуф од 2:1.
Конечниот резултат го постави Дуков со погодокот што го постигна во четвртата минута од судиското надополнување во второто полувреме.

Честа на домаќините ја спаси АП Брера која во Струмица го совлада Новаци со 4:1. Во меч во кој сите пет гола се постигнаа во второто полувреме, серијата ја отвори Бојан Велков во 64. минута.
Осум минути подоцна Христијан Драгарски израмни на 1:1, а во 76-тата Владимир Жоглев и донесе на АП Брера водство од 2:1.

Третиот погодок за домаќинот беше дело на Давид Ристовски во 83. минута, а две минути потоа Јован Постолов го постигна четвриот гол за Струмичани.

Десеттата рунда во Втората лига ќе се комплетира в недела, а на програмата се натпреварите Камјани – Тетекс, Пелистер – Детонит Плачковица, Македонија ЃП – Осогово и Работнички – Беласица.
Почетокот на сите мечеви е закажан за 13 часот и 30 минути.





