Арсими денеска, пред своите навивачи во Гостивар, ќе го одигра еден од најважните натпревари во тековната сезона. Против екипата на Башкими, гостиварската екипа ќе атакува на исклучително важни три бода, кои значително би ја доближиле до обезбедување опстанок во Првата лига.
Во пресрет на овој дуел свое очекување изнесе дефанзивецот на Арсими, Џелил Абдула, кој потенцира дека натпреварот ќе биде исклучително тежок, но целта е јасна, а тоа е победа.
”Нè очекува многу тежок натпревар бидејќи го знаеме квалитетот што го поседува Башкими, но нашата цел е јасна позитивен резултат”, изјави Абдула.
Тој се осврна и на последниот првенствен натпревар против Тиквеш, истакнувајќи дека екипата чувствува мало разочарување што не успеа да ги освои трите бода, но ја нагласи и важноста на секој освоен бод во завршницата од шампионатот.
”Малку сме разочарани што не ги освоивме трите бода против Тиквеш, но и еден бод значи многу во овие последни натпревари од сезоната”, дополни дефанзивецот на Арсими.
Натпреварот помеѓу Арсими и Башкими ќе се одигра денеска со почеток во 16:00 часот на Градскиот стадион во Гостивар.





