АП Брера Струмица ја заокружи сезоната со убедлива победа од 6-0 против Шкупи пред својата публика. Струмичани ги очекува бараж за опстанок, додека чаирчани и официјално се селат во Втората лига.
Гостите од Чаир успеваа да парираат само во првото полувреме, кога на пауза заминаа со минимална негатива од 1-0. Но, во продолжението целосно потфрлија и доживеаја вистински дебакл.
Серијата голови ја отвори Никола Величковски во 23. минута. Истиот играч во 62. зголеми на 2:0, а во 71-та младиот напаѓач на АП Брера стигна до хет трик.
По пет минути игра Виктор Велкоски се запиша меѓу стрелците за водство од 4:0 додека во деведесеттата минута Величковски стигна и четвртиот погодок.
Во првата минута од судиското надополнување мрежата на Шкупи ја затресе Филип Михаилов за конечни 6:0 за Струмичани.
Сезоната за Шкупи беше исклучително тешка, пред сè поради сериозните финансиски проблеми и забраните за трансфери, поради што клубот настапуваше претежно со младински состав. Таквата состојба резултираше со низа негативни рекорди кои ќе останат запишани во историјата на македонскиот фудбал.
Со само еден освоен бод, Шкупи стана најслабиот тим во историјата на Првата македонска фудбалска лига, уривајќи го неславниот рекорд на Тиквеш, кој во сезоната 2000/01 освои три бода.





