Арифовски ќе се обиде да ја врати АП Брера на победнички колосек на мечот со Пелистер

Завршница е на сезоната, а во Струмица има турбуленции. Замина досегашниот тренер Мартин Алаѓозовски, кој поднесе оставка по убедливиот пораз од Силекс во Кратово (4-0), а на денешниот дуел со Пелистер тимот на АП Брера ќе го предводи искусниот Шефки Арифовски. Тој подолг период е во клубот, и досега работеше со фудбалерите, па нема да му биде новина и ако застане да ги предводи од клупата.

Три меча без победа е лошата низа на АП Брера, а до крајот на првенството има и непријатен распоред, па затоа денешниот меч против Пелистер е означен како „финале“.

„Се размислува само за трите бода. Играме на домашен терен и мора тоа да го искористиме“, порачуваат од струмичкиот тим.

Натпреварот меѓу АП Брера и Пелистер е закажан за 16 часот, на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.