Дербито во Тетово ги оправда очекувањата, нудејќи возбудлив фудбал, пресврти и пет погодоци. Иако домашните први поведоа, екипата на Башкими со фуриозна игра во првото полувреме успеа да ги однесе бодовите во Куманово.
Натпреварот започна динамично, а домашната публика се радуваше уште во 5-тата минута, кога Тамба го отвори резултатот за водство на Шкендија од 1-0. Сепак, славјето на „црвено-црните“ траеше кратко. Веќе во 10-тата минута, гостинскиот напаѓач Аворнио ја искористи првата посериозна прилика и ги израмни бројките на 1-1. По израмнувањето, Шкендија се обиде да го врати водството. Во 17-тата минута, Бесарт Ибраими се закани со силен удар од 17 метри, но голманот на гостите, Амир Јашар, беше на висина на задачата. Башкими одговори преку Реџеп Мурати, кој испрати вистински „проектил“ од слободен удар, но топката помина за малку покрај стативата.

Јашар повторно блесна во 24-тата минута, кога со одлична парада го одбрани ударот на Зејнулаи, кој биеше силно по комбинацијата со Ибраими.
Клучните моменти се случија во финишот на првиот дел. Најпрво, во 34-тата минута, Аворнио одлично центрираше од левата страна, а Никел Ор со прецизен удар со левата нога го совлада голманот Гаје за 1-2.
Само четири минути подоцна, Башкими зададе нов удар. Пановски вешто продре во шеснаесетникот и асистираше до Никел Ор, кој по вторпат денеска го пронајде небранетиот агол на домашната мрежа, зголемувајќи на 1-3.
Второто полувреме помина во знак на тетовци кои се обидуваа да се вратат во игра. По неколку пропуштени прилики на Латифи и Зејнулаи, надежта за домаќините ја врати Бесарт Ибраими во 65-тата минута. Тој со глава го претвори остриот центаршут на Красниќи во погодок за 2-3.

До крајот, Башкими имаше златна шанса да ја запечати победата преку Алексовски во 70-тата минута, но неговиот обид заврши сантиметри покрај голот. Во последната акција на мечот, Мелиќи можеше да израмни резултатот, откако по еден корнер не успеа да ја погоди мрежата од само пет метри, испраќајќи ја топката над голот.
Во 30-то коло, Шкендија во Кратово се среќава со Силекс, додека Башкими ќе се соочи со Вардар.





