Македонија ЃП делуваше како комплетен аутсајдер пред почетокот на денешниот дуел од 27. коло на ПМФЛ со АП Брера во Струмица, но „лавовите“ се враќаат во Ѓорче Петров со бод кој значи надеж во борбата за опстанок.
Очекувано, АП Брера започна агресивно и лесно ја презема иницијативата, доминирајќи и на физички план, а нивните фудбалери делуваа мотивирано и инспирирани за добра претстава. По неколкуте обиди на Антовски и Михаилов, во првиот посериозно изграден напад АП Брера дојде до пенал во 21 минута, кога Шерифи стартуваше врз Петровиќ. Судијата Крумислав Георгиев на барање на гостинскиот тим побара информација, но ВАР судиите ја потврдија неговата одлука. Михаилов беше сигурен реализатор, оставајќи го Јанков на спротивната страна.
Но, од тој момент, фудбалерите на струмичкиот тим застанаа, односно се фокусираа на бранење на тој резултат. Македонија ЃП првата шанса ја имаше во 30 минута кога по нафрлената топка од Пецов, невешт удар со глава испрати Галевски.

Мечот можеше да биде решен во 33 минува, кога една вратена топка кон голманот на гостите Јанков незгодно отскокна и го измами, па тој мораше да вложи напор за да спречи автогол, но домашните не го искористија подарениот удар од аголот.
На спротивната страна, најдобрата шанса за Македонија во првиот дел дојде по ударот на Галевски, а голманот Диковски кусо ја одби пред себе, но истурените напаѓачи на тимот од Скопје не го казнија и опасноста беше расчистена.
Последната шанса во првиот дел ја имаше Аризанковски, кој доби одбиена топка по слободниот удар што домашните го изведоа во судиското надополнување.
Гостите стартуваа поагресивно во вториот дел и најпрво се заканија по додавањето на Софијаноски до Џангароски, кој биеше од десно во 47 минута. Само пет минути подоцна, една одбиена топка во шеснаесетникот на Брера го пронајде Галевски, но изгради простор, неговиот волеј беше непрецизен.
Во тие моменти на доминација „лавовите“ успеаја да изедначат, откако уште една добро изработена акција се одигра во шеснаесетникот на Брера во 57 минута: Гереро нафрли, Николиќ асистираше до Ајдоган, кој неодбранливо биеше.

Ваквиот расплет испровоцира промени во домашната екипа, па наместо Михаилов и Јан во игра влегоа Ивановски и Стојанов. Во 63 минута Брера создаде можност по подолго време, а од проигрувањето на Луковиќ до Тодоровиќ, уследи нов удар од аголот.
Иако и темпото на гостите опадна, во 67 минута Џангаровски и во 72 минута Софијаноски со волеј удари се обидоа од дистанца, но не успеаја да бидат прецизни како Ајдоган. Голманот Диковски со своите интервенции заслужи аплаузи, а неговата последна реакција беше кога во втората минута од судиското надополнување лесно се справи со нафрлената топка од слободен удар.
По овој последен натпревар од 27. коло, Брера сега е на 8 место со 33 бода, два помалку од Арсими. Три екипи се во трка да избегнат директно испаѓање: Пелистер има 26 бода, Работнички има 25, а Македонија 24 поени. Последен е Шкупи со еден поен.
По само два дена пауза, почнуваат натпреварите од 28. коло на ПМФЛ, а во него Брера го игра првиот меч како гостин во Кратово против Силекс.





