Минатата недела Центарот за едукација при Фудбалската федерација на Македонија го комплетираше четвртиот модул од УЕФА ПРО курсот. На последните два дена од семинарот присуствуваше поранешниот тренер на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ кој заедно со членовите на неговиот стручен штаб, Небојша Милошевиќ, Иван Вучетиќ и Бојан Офенбехер ја презентираа програмата на тема “Периодизација и принципите на функционирање“.
Владан Милојевиќ е човекот кој пред речиси една деценија ја врати Црвена Звезда на големата европска сцена во Лигата на шампионите, a го предводеше поранешниот европски првак и во елиминациската рунда од Лига Европа.

Токму Милојевиќ е еден од најкомпетентните да даде одговор на прашањето, колку новите трендови во фудбалот на овие простори можат повторно да доведат до ситуација некој клуб од регионот да се бори за трофејот во Лигата на шампионите?
“Тоа е комплексно прашање и е многу тешко да се одговори, но во секој случај треба да се стремиме кон тоа и да се натпреваруваме со најдобрите. Фудбалот напредува исклучително брзо. Ако некогаш беше потребно многу време за да пристигнат одредени трендови, кои главно се следеа преку светските првенства, денес гледаме дека фудбалот се менува на дневно ниво. Живееме во ера на технологија каде сè е брзо и достапно. Денес многу повеќе земји учествуваат во натпреварувањата. На пример, во минатото многу земји не беа толку активни, а денес гледате дека скандинавските земји постигнуваат неверојатни резултати. Тоа значи дека мора да се стремиме кон напредок. Ќе биде тешко, но мора да верувате во тоа што го работите. Сепак, не е доволно само да верувате, мора и напорно да работите, да тренирате и да се обидувате да се мерите со најдобрите.

Црвена Звезда и Динамо Загреб со своите резултати ја креираат успешната приказна на Балканот. Тоа потврдуваат и преку создавање големи фудбалски имиња и талентирани играчи. Колку можат клубовите од овој регион да ги задржат тие фудбалери и да добијат уште поголем бенефит за себе?
“Се согласувам со вас. Станува збор за два клуба кои се редовни учесници во европските натпреварувања, без разлика дали е тоа Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Меѓутоа, за жал, парите и буџетите го диктираат создавањето на тимот. На Црвена Звезда голем хендикеп ѝ е фактот што висок процент од буџетот се пополнува од продажба на најдобрите млади играчи. Едноставно, го немате тој комфор кој го имаат побогатите клубови. Но, дури и големите буџети не се гаранција за успех. Фудбалот е таква игра што парите не гарантираат титула во Лигата на шампионите. Тоа го видовме на примерот на Пари Сен Жермен, кој со години се обидуваше, па дури кога можеби најмалку очекуваа, со поинаква концепција станаа поконкурентни. Балканските народи го сакаат фудбалот и традицијата, сакаат да ги видат своите клубови на врвот, но во овој момент тоа е исклучително тешко. За почеток, голем успех е самото учество во Лигата на шампионите. Постои голема разлика меѓу Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Во второто натпреварување, како и во Лигата на конференции, можеме да бидеме конкурентни. Новиот формат на Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување кое бара квалитетни играчи, а за тоа се потребни многу пари. Исто така, потребна е инфраструктура во домашното првенство, бидејќи играчите не доаѓаат само за осум или десет натпревари во Европа. Сметам дека инфраструктурата во Србија е многу подобра отколку пред неколку години, но сè уште се потребни големи вложувања во терени и стадиони. Многу земји нè престигнаа во тој сегмент, но чувствувам позитивни ветришта и се надевам дека во иднина ќе бидеме многу поконкурентни”

Дојдовте во Македонија да пренесете дел од вашето богато искуство и заедно со членовите на вашиот стручен штаб, со кој направивте успешна приказна во Белград. Во ова време тешко е да се создаде таква приказна со клуб од овие простори, но вие успеавте. Колку сте задоволни од она што го видовте во Скопје и од соработката со македонските колеги?
“Да, дојдовме на покана на Фудбалската федерација на Македонија. Многу ми е драго што сме тука. Ова не е само обично предавање каде што ние само ќе зборуваме, ова е размена на мислења. И ние можеме многу да научиме од кандидатите тука. Постои интеракција бидејќи фудбалот постојано се менува и сите мораме да се менуваме со него. Исклучително сме задоволни и среќни што сме во вашиот преубав град и во оваа убава земја. Се надевам дека нашето искуство ќе им даде позитивни импулси на кандидатите во нивните понатамошни кариери”

За крај, колку е овој простор блиску до европскиот врв на тактички, технички и физички план?
“На овие простори имаме специфичен менталитет и различни стилови. Ние на Балканот малку потешко ги прифаќаме новите трендови бидејќи сакаме да останеме во рамките на она што веќе го знаеме и често живееме во минатото. Мораме да се свртиме кон иднината. Играчите од другите земји не се од друга планета, ние сме тие што треба да се менуваме. Треба да бидеме храбри во носењето одлуки и да не размислуваме само за негативните последици, туку да мислиме позитивно. На овие простори има многу талентирани играчи, што се гледа и во вашата репрезентација, каде имате поединци кои играат на врвно ниво. Потребно е трпение и секоја нова генерација да донесе нешто ново. Сигурен сум дека во иднина сè ќе биде многу подобро”





