Она што некогаш беше празник на фудбалот во главниот град, во моментов е претворено во обична обврска која што ете, според правилата и прописите мора да биде обавена.
Денеска на теренот на Тренинг центарот Петар Милошевки во Скопје од 13:00 часот, екипата на Шкупи ќе го пречека Вардар како домаќин.
Шкупи е веќе второлигаш, и тука нема дилеми, а неможноста да ги доигра прволигашките мечеви на својот стадион во Чаир го тера клубот секој викенд да бара решение за овој проблем.
Овој пат ФФМ излегува во пресрет и некогаш големото градско дерби ќе се одигра овие терени.
Вардар е голем фаворит, лидерот на табелата едноставно мора да победи во овој меч како и повеќето од ривалите на Шкупи сезоната.
Битката за титулата допрва ќе се интензивира и ќе има уште неизвесни дуели. Вардар ќе се обиде денеска да впише нови три нови бода, за да и по ова коло има статус кво во однос на второпласираната Шкендија.





