Виши: Ќе го дадеме максимумот и ќе се бориме до самиот крај

Иако некогаш овој дуел се сметаше за големо градско дерби, оваа сезона ситуацијата на теренот е сосема поинаква, па претстојниот натпревар повеќе наликува на пресметка меѓу лидерот и екипата на самото дно од табелата. Вака накратко може да се опише денешниот дуел меѓу Шкупи и Вардар, кој се игра во рамките на 28-то коло од шампионатот. Домаќинот на оваа средба, екипата на Шкупи, сè уште ја нема почувствувано сласта на победата оваа сезона, додека на спротивната страна се наоѓа Вардар, кој силно се бори за шампионската титула.

И покрај тешката позиција, тренерот на Шкупи, Алиса Виши, верува во мотивираноста на своите фудбалери.

„Во овој натпревар влегуваме како во вистинско дерби – со срце и карактер. Момците ќе се борат до крај, без предавање ниту за момент. Знаеме дека Вардар е фаворит, но ние точно знаеме како треба да играме против нив. Ќе го дадеме максимумот во секој аспект од играта за да извлечеме позитивен резултат“, изјави меѓу другото Виши.

Последната пресметка меѓу овие два ривали заврши со убедлив резултат од 6-1 во корист на „црвено-црните“, што е дополнителен мотив за домаќините да покажат подобро издание. Натпреварот меѓу Шкупи и Вардар ќе се одигра денеска на стадионот при комплексот на ФФМ, со почеток во 13:00 часот.