Вардар посакува продолжување на триумфалната низа

Лидерот во ПМФЛ, Вардар попладнево гостува во Гостивар каде во натпревар од 30. коло ќе се соочи со Башкими.

“Црвено-црните” атакуваат на нови три бода со кои ќе бидат на чекор до освојување на шампионскиот трофеј откако директниот конкурент Шкендија на вчерашното гостување во Кратово освои само бод во дуелот против Силекс.

Во пресрет на денешниот натпревар составот предводен од Гоце Седлоски има предност од три бода и со евентуален триумф во Гостивар таа ќе биде двојно поголема.

Вардар има низа од три победи, по нерешениот резултат во мечот против вечниот ривал Пелистер на кој немаше голови, водечката екипа во првенството триумфираше над Работнички, Шкупи и Тиквеш постигнувајќи 15 погодоци и недозволувајќи му на противникот да ја затресе мрежата.

Кумановци денеска се домаќини на неутрален терен, а во пресрет на мечот против Вардар кога играа на својот стадион немаа импресивна статистика.

На последните четири настапи освоија само два бода и тоа по нерешените резултати против Тиквеш и АП Брера, а со цел плен од Куманово си заминаа Работнички и Струга.

Првите два дуели во текот на оваа сезона не беа богати со голови. На првиот натпревар во Куманово, мрежите мируваа на двете страни додека во вториот дел од шампионатот Вардар забележа победа од 1:0, а стрелец на единствениот гол беше Стефан Цветковиќ.

Натпреварот Башкими – Вардар се игра на Градскиот стадион во Гостивар, а почетокот е закажан за 16 часот.