Екипата на Башкими минатата недела успеа да ја прекине голгетерската криза, но тоа не беше доволно да се избегне поразот од 1-2 против тимот на Шкендија Арачиново во Куманово. Ова дополнително ги поттикна челниците на кумановскиот клуб да побараат нови засилувања во нападот.
Пред неколку дена беа претставени и последните засилувања во летниот преоден рок – Антонио Да Силва Санка Рашид, кој покрива позиции како крилен и централен напаѓач, како и Елиас Ганим, кој игра како класично крило.
Првиот тест за засилувањата ќе биде екипата на Скопје.
„Натпреварите против Скопје на гостински терен секогаш се многу тешки. Скопје се враќа на својот стадион и нè очекува исклучително физички дуел. Сепак, ние ќе се бориме за секоја топка и се надеваме дека ќе се вратиме дома со бодови“, изјави централниот дефанзивец на Башкими, Фати Исмаили.
Двете екипи досега се имаат сретнато вкупно 6 пати – четири пати во Втората лига, еднаш во Купот на Македонија и на еден контролен натпревар. Поуспешен во овие дуели е ФК Скопје со 3 победи, додека ФК Башкими сè уште ја чека својата прва победа. Три меча завршиле без победник.
Натпреварот меѓу ФК Скопје и ФК Башкими ќе се одигра на стадионот при ФФМ во 16:30 часот, а главен судија на мечот ќе биде Фуркан Идризи.





