Сила со хет-трик го „сруши“ непоразениот тим на Шкендија

Тиквеш приреди големо изненадување во петтото коло од ПМФЛ, совладувајќи ја Шкендија со 1:3, а главната улога ја имаше Н’Фанли Сила, кој постигна три гола.

Кавадаречкиот тим стигна до големи три бода во дуелот со фаворитот, која до оваа средба немаше пораз во новата сезона. Тетовци овојпат беа формално домаќини, но натпреварот се одигра на теренот на ФФМ.

Тиквеш го отвори резултатот во 20. минута. По нафрлувањето од левата страна, Сила одлично реагираше и со удар од прва го совлада Рамани за водство на својот тим.

Шкендија се обиде да одговори, но Тиквеш беше тимот кој повторно успеа да погоди. Во 60. минута Сила започна соло-продор, а акцијата ја заврши со силен удар за втор гол и водство од 0:2.

Тетовци сепак не се предадоа. Бесарт Ибраими со удар со глава успеа да ја затресе мрежата на Тиквеш и да ја врати Шкендија во игра.

Домашниот тим потоа тргна во целосна офанзива во потрага по израмнување, но токму тоа му остави простор на Тиквеш за контранапад. Сила доби идеална можност, излезе сам пред Рамани и без грешка реализираше за свој хет-трик и конечни 1:3.

Работата за Шкендија дополнително се искомплицира во финишот, кога Ислами заработи црвен картон и својот тим го остави со десетмина на теренот.

До последниот свиреж Тиквеш не само што успеа да ја сочува предноста, туку имаше шанса и за 4:1, но не искористи добра можност, па така остана 3:1.