Лимани: Време е за стабилност, трите бода остануваат кај Башкими во Куманово

По репрезентативната пауза и возбудувањата во баражот за СП 2026, на сцената се враќа ПМФЛ. Програма од 25-тото коло се отвора со вистинско дерби во Куманово, каде силите ќе ги одмерат Башкими и разиграниот Тиквеш.

Домаќините влегуваат во овој дуел по победата над Шкупи (3-2). Таа победа со пресврт не само што донесе три бода, туку му вбризга огромен мотив на составот на Башкими, кој сега е решен да го потврди својот статус во елитата и конечно да побегне од зоната на опстанокот кон сигурната средина.

Од другата страна, Тиквеш во моментов е еден од најнезгодните тимови во лигата. Со 4 победи во последните 5 меча, гостите од Кавадарци се во страшна форма и доаѓаат по бодови. За двата тима, овој меч е „да се биде или не“ за стабилност во финишот на сезоната.

Столбот на средниот ред, Бејзад Лимани, е оптимист пред денешниот предизвик.

„Ова е клучен момент за нас. Паузата дојде во право време за да ги наполниме батериите. Горд сум што го носам овој дрес и што се борам за мојот град. Со поддршката од нашите верни ‘Илири’ од трибините, верувам дека ќе го скршиме отпорот на Тиквеш и ќе ги освоиме трите бода за мирен сон во средината на табелата,“ нагласи Лимани.

Традицијата е на страната на кумановци. Во досегашните пресметки помеѓу овие два тима (во првенството, Купот на Македонија или пријателски средби), Башкими историски е поуспешен со 5 победи наспроти 2 на Тиквеш.

Натпреварот помеѓу Башкими и Тиквеш ќе се одигра на Градскиот стадион во Куманово, со почеток во 12:30 часот.