Македонската репрезентација утре ја очекува вториот натпревар во Лигата на нации, против Словенија на стадионот „Стожице“ во Љубљана. По поразот од Швајцарија во Скопје, селекторот Гоце Седлоски најави промени во составот и реакција од своите фудбалери.
„Добро го анализиравме натпреварот со Швајцарија и знаеме каде треба да ги поправиме грешките. Играчите се подготвени и очекувам од сите максимален ангажман. Словенија е квалитетна репрезентација, настапуваше на последното Европско првенство и заслужува максимален респект. Ќе има освежување во составот, во повеќе линии“, изјави Седлоски.
Селекторот посочи дека верува во играчите со кои располага и дека атмосферата во репрезентативниот табор е на високо ниво.
„Имаме одличен ростер, комбинација од млади и искусни фудбалери. Атмосферата е добра и сите сме мотивирани да одиграме подобро. Јас сум одговорен за изборот на играчите, но од нив очекувам да покажат поголем квалитет и карактер на теренот. Словенија не смее да биде потценета и мора да бидеме максимално подготвени.“

Капитенот Столе Димитриевски, пак, истакна дека репрезентативците разговарале за пропустите од првиот натпревар и дека сега фокусот е целосно насочен кон Словенија.
„Знаеме дека не одигравме на посакуваното ниво против Швајцарија. Разговаравме меѓу себе и сега мора да покажеме реакција. Имаме малку време меѓу натпреварите, но мора да се подготвиме, да се поддржиме и максимално да одговориме на задачата. Овој дрес и Македонија заслужуваат да дадеме се од себе“, порача Димитриевски.
Голманот на Македонија го очекува и новиот дуел со Јан Облак, со кого со години се среќава во шпанската Ла Лига.
„Со Облак имаме натпревари повеќе од десет години и добро знам за каков голман станува збор. Тој е еден од најдобрите. Јас се надевам дека ќе ја завршам мојата работа, ќе ја сочувам мрежата и дека заедно ќе одиграме добар натпревар. Ни требаат неколку квалитетни меча за да ја подигнеме самодовербата“, додаде Димитриевски.
Натпреварот Словенија – Македонија се игра утре од 20:45 часот на „Стожице“ во Љубљана.





