Со перфектен скор од 5 победи во исто толку мечеви на стартот од новата сезона, атмосферата во таборот на тетовска Шкендија е на врвно ниво. Централниот дефанзивец Јован Манев потврди дека тимот е целосно фокусиран за продолжување на победничката серија.
„Добрите резултати се цел на секој фудбалер, но тоа не нè залажува ниту пак нè прави да сме задоволни – нè чека уште многу работа. Кај нас нема никакво опуштање, бидејќи сакаме да бидеме уште подобри од ова што го прикажавме досега,“ истакна 25-годишниот дефанзивец.
Шкендија влегува со ист пристап против секој ривал за освојување на трите бода.
„Влегуваме со 100% фокус против сите. Иако Тиквеш е исклучително квалитетен противник и секој меч има своја тежина, убеден сум дека сите ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до нов позитивен резултат,“ заклучи Манев.
Pафаел Фреитас и левиот бек Бојан Димоски остануваат надвор од комбинација поради повреди, во тимот се враќаат Ендрит Красниќи и Марко Ѓорѓиевски, додека голманот Бубукар Гаје се врати на тренинзите, но за негово активирање ќе се одлучува непосредно пред натпреварот.

Ова ќе биде 22-ра меѓусебна пресметка меѓу овие две екипи во која „црвено-црните“ бројат 15 победи, Тиквеш се израдувал на триумф само еднаш, додека 5 средби завршиле со реми.
Натпреварот Шкендија Тетово – Тиквеш ќе се одигра на стадионот во комплексот на ФФМ со почеток во 19:00 часот, каде што правдата му е доверена на судијата Бенјамин Ќерими.





