Шкендија ја совлада Брегалница во Штип со голот Аритон Мехмеди

Екипата на Шкендија Арачиново, благодарение на погодокот на Мехмеди, ја запиша третата победа оваа сезона, совладувајќи ја Брегалница на гостински терен во Штип.

Првото полувреме понуди динамична игра со голем број шанси за гол. Серијата на шанси ја отвори Иван Глигоров во 17-та минута, по асистенцијата на Стојков, но неговиот удар заврши покрај голот на гостите. Само две минути подоцна, на спротивната страна, Селмани одлично се проби во шеснаесетникот, но биеше непрецизно и надвор од рамките на голот. Во 22-та минута следуваше брза контра на Шкендија, Селмани го пронајде Керими, но тој не успеа добро да ја смири топката, па домашната одбрана навремено реагираше.

Само седум минути подоцна, Амир Нухија упати вистински проектил од 20 метри, а голманот Јашар со крајни напори ја префрли топката во корнер. Брегалница веднаш возврати преку Максимов, кој биеше од 18 метри, но голманот на гостите, Столевски, беше на висина на задачата. Следуваше одличен соло-продор на Глигоров со завршен удар покрај стативата, а веќе во следниот напад Стојанов фати прекрасен волеј од 17 метри, кој одбраната го блокираше и ја испрати топката над голот. Во 40-та минута Велковски биеше со глава од пет метри над пречката, додека во судиското продолжение Адили мајсторски асистираше со гради, а Вилдан Керими испрати вистинска „бомба“, која помина крај стативата на Брегалница.

Гостите подобро го отворија второто полувреме, а Нухија во 50-та минута се закани од слободен удар од 20 метри. Клучниот момент се случи во 79-та минута кога Матеј Максимов заработи втор жолт картон, оставајќи ја Брегалница со играч помалку. Гостите веднаш ја искористија бројчаната предност. Аритон Мехмеди упати силен удар од 17 метри од левата страна, топката се одби од еден од дефанзивците и заврши во мрежата на Јашар за победа на Шкендија. Во самата завршница од мечот, поради приговор кон судијата Карчевски, Енис Фазлагиќ заработи исклучување со втор жолт картон.