Победи на Брегалница и Скопје во дерби дуелите во ВМФЛ

Штипска Брегалница ги освои трите бода на гостувањето во Струмица додека Скопје славеше во соочувањето со директниот конкурент за самиот врв на табелата во Втората лига.

Во соседското дерби Брегалница во Струмица ја совлада Беласица со 1:0, а натпреварот беше решен во 80. минута со погодокот на Дино Михолов.

Со оваа победа Штипјани се зацврстија на првата позиција на табелата и на три кола пред крајот на првенството имаа два бода повеќе од Скопје.

Дерби се играше и на стадионот Железарница каде Скопје го пречека директниот конкурент за врвот на табелата Охрид Лихнидос.

И на овој меч победникот го реши само еден подогок, а триумфот на Скопје му го донесе Мердиан Рамадани кој во десеттата минута најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и по слабата реакција на голманот на Охриѓани, Дамјан Серафимов ја спроведе топката во мрежата на гостите.

Главниот судија на натпреварот Стојанче Стојанов оправдано покажа и три црвени картони. Предвреме натпреварот го завршија Кристијан Николовски од Скопје како и гостинските играчи Благоја Спирковски и Иван Глигоров.

Шкендија Арачиново забележа убедлива победа од 8:2 во мечот против Вардар Неготино. Владимир Жоглев и Христијан Димов постигнаа по два гола, а по еднаш прецизни беа Зани Насифи, Дестан Адили, Ален Јашароски и Сухејб Рушити. Головите за гостите од Неготино беа дело на Алекс Горгиоски и Раде Рајчиновски.

Дваесет и седмата рунда во ВМФЛ ја одбележаа победи на гостите. Кожув го Кочани славеше над Осогово со 1:0, Тетекс во Прилеп ја совлада Победа со 3:0, а Новаци забележа победа од 2:0 во дуелот против Слога во Виница.

Мрежите мируваа на натпреварот Детонит Плачковица – Каменица Саса, а рундата се комплетира утре со дуелот Големо Коњари – Преспа.

На три кола пред крајот на Втората лига, Брегалница има 64 бода, два повеќе од Шкендија Арачиново и Скопје додека Охрид сега е четврти со 59.

Далеку зад водечката четворка е Беласица со 52 бода, а шести е Осогово со 50.