Убедлив пораз од Турција во вториот дуел на Медитеранските игри

Во вториот натпревар од фазата по групи на Медитеранските игри во Таранто, фудбалската репрезентација на Македонија е поразена од Турција со 3:0.

Најзаслужен за триумфот на Турците беше Оздер Озачан кој три пати успеа да се запише меѓу стрелците.

Водечкиот гол беше постигнат во 26-тата минута и тоа по прецизно изведен удар од белата точка, а на три минути пред крајот на првиот дел противникот успеа да поведе со 2:0.

Во овој период од натпреварот Македонија имаше можност да стигне до гол, а најсериозните шанси не ги реализираа Манојлов и Арифи.

Во продолжението од средбата Озачан повторно се запиша меѓу стрелците, а погодокот беше постигнат во 59. минута.

Во првиот натпревар од нашата група Тунис го совлада Мароко и во пресрет на последното коло шансите за пласман во полуфиналето се сведени на минимум.

Пред завршните натпревари кои се на програмата в среда на првите две места со по 4 бода се Турција и Тунис кои во директен дуел ќе решаваат за освојување на првото место. Мароко и Македонија се на третата и четвртата позиција, а меѓусебниот дуел ќе го одиграат со почеток во 10 часот и 30 минути.

 

МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА   0:3 (0:2)

Стадион: Џовани Паоло II

Судија: Басем Белаид (Тунис)

Помошници: Ајмен Исмаил (Тунис), Закарија Бушатуи (Мароко)

Стрелец: Оздер Озачан 26 (пенал), 41, 59

МАКЕДОНИЈА: Давид Илоски, Златко Радески, Андреј Велков, Адис Мурати, Лука Атанасовски, Емир Шаботиќ (Лука Бојаџиев 73), Салим Арифи (Андреј Стојановски 63), Никола Манојлов, Марко Николовски (Давид Матески 63), Виктор Делов (Харун Незировски 79), Дарјан Тасев (Давид Голубов 73)