Скопје посакува против Арсими да стигне до првиот прволигашки триумф

Возбудувањата од Првата фудбалска лига се вратија на сцена по репрезентативната пауза, а напладне на стадионот „Железарница“ фудбалерите на Скопје ќе го пречекаат тимот на Арсими.

Домаќинот сѐ уште нема победа по враќањето во елитата, па избраниците а Иван Варадиновски се надеваат дека токму денеска ќе биде денот за прослава на три бода.

Двонеделната пауза беше искористена за консолидирање на составот, а тренерот Варадиновски имаше доволно време да ги наметне своите идеи. Време е тоа да се претстави и во пракса на терен, на денешниот дуел.

„Одиме на победа, подготвени сме и максимално мотивирани“, порачуваат од ФК Скопје.

Ова е дуел на двете последнопласирани екипи на табелата. Скопје е на дното со четири освоени бода, додека Арсими има 10 бода и се наоѓа на деветтата позиција.

Првиот меѓусебен натпревар одигран во Гостивар на 29 август заврши без голови.

Денешниот меч на стадионот „Железарница“ започнува во 12 часот, а ќе го суди Александар Грујоски.