По двонеделната пауза поради настапите во Лигата на нации, викендов се враќа елитниот фудбал со натпреварите од 14. коло. Воведниот дуел ќе се одигра меѓу Шкендија од Арачиново и Башкими. Напаѓачот на Башкими, Никел Ор, верува дека екипата од Куманово ќе ја надмине негативната традиција и ќе се врати на победите, со цел да се оддалечи од опасната зона.
„Шкендија од Арачиново засега игра одлично првенство и покажа дека е многу тежок противник за победување, особено на свој терен. Сепак, се надеваме дека ќе се вратиме на победнички колосек и ќе излеземе од опасната зона“, изјави, меѓу другото, напаѓачот на Башкими, Никел Ор.
На досегашните три меѓусебни пресметки меѓу овие два тима, поуспешна е Шкендија од Арачиново, која ги доби сите три дуели. Во Купот на Македонија, Шкендија славеше со 2:1, додека во првенството запиша победа од 2:0 на гостувањето во Куманово. Пред една година, на пријателски натпревар, „црвено-црните“ повторно беа поуспешни со 2:0.
Натпреварот меѓу Шкендија од Арачиново и Башкими ќе се одигра во петок (20.11) на стадионот во Чаир, со почеток во 13:00 часот. Правдата ќе ја дели главниот судија Стојанче Трпчевски.





