Во периодот од 29 до 31 мај, ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе биде домаќин на финалниот турнир од ФФМ Детските лиги за сезоната 2025/2026.
На завршниот турнир ќе настапат 96 екипи од целата држава, кои преку регионалните натпреварувања обезбедија место меѓу најдобрите. Во текот на тридневната програма, повеќе од 1500 млади фудбалери, родени од 2013 до 2018 година, ќе се натпреваруваат во шест возрасни категории.
Предвидени се вкупно 96 натпревари, исполнети со детски ентузијазам, спортски дух и фудбалски талент, а најуспешните екипи и поединци ќе бидат наградени на свечената церемонија што ќе се одржи на 31 мај со почеток во 12:30 часот.
По извршениот ждреб, достапен е и комплетниот распоред со термини за одигрување на натпреварите.
Фудбалската федерација на Македонија им посакува успешен настап на сите учесници и ги поканува сите љубители на фудбалот да бидат дел од овој младински фудбалски спектакл и во живо да ги проследат натпреварите на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“.




