Младата репрезентација на Македонија до 21 година е поразена од соодветната селекција на Бугарија со 1:0 на пријателскиот натпревар одигран во Софија.
По израмнетото прво полувреме, во кое двете репрезентации имаа свои моменти, но не успеаја да создадат посериозна закана пред противничките голови, домаќините дојдоа до водство на почетокот од вториот дел. Во 50. минута Стивен Стојанчов по грешка на нашиот голман го постигна единствениот погодок на средбата, кој на крајот се покажа како решавачки.
Матај Гаштаров ја пропушти најубавата прилика за израмнување, во ситуација еден на еден со домашниот голман, не успеа да упати удар кон голот на Бугарија.
Македонските фудбалери се обидоа да одговорат и да стигнат до израмнување, создавајќи неколку ветувачки акции пред голот на Бугарија, но недостасуваше завршницата за промена на резултатот.
За избраниците на селекторот Горан Станиќ ова беше единствениот контролен натпревар во рамки на актуелниот репрезентативен прозорец. Средбата претставуваше добра можност за стручниот штаб да провери неколку нови фудбалери.
Македонија до 21 година: Љупче Џеков (г) (Васко Василев), Андрија Димески, Давид Стојаноски, Реџеп Мурати (Адис Мурати), Ѓорѓе Џеков (к), Димитар Данев (Марко Николовски), Матео Софијаноски, Илија Масларов (Мухамед Елмас), Адмир Љатифи, Харун Незировски (Никола Манојлов), Матеј Гаштаров (Дино Михолов).





