Селекторот на македонската репрезентација Гоце Седлоски, по натпреварот против Босна и Херцеговина кој заврши без голови, истакна задоволство од настапот на тимот, напоменувајќи дека нерешениот резултат е најреален, и дека жали за неискористените шанси.
„ Прво полувреме имавме и ние шанси, и Босна имаше иницијатива и шанси. Ако постигневме гол од тие две шанси, ќе беше мечот сосема поинаков. Ова е некоја нова репрезентација, со доста трка, со помагање, со доста борба. Игравме со една селекција која игра на Светско првенство и во една прекрасна атмосфера. Сметам дека нерешениот резултат е најреален. Што се однесува до нападот, мислам дека шансите ќе дојдат. Против силни селекции секоја прилика мора да се искористи“, изјави Седлоски.
Задоволство од дебитантите истакна Гоце Седлоски кои беа на овој натпревар. Шанса добија Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Азер Омерагиќ и Дарко Анѓелески.
„Задоволен сум од играчите кои дебитираа. Другите ќе добијат шанса на следниот меч. Знаеме дека се ова тест натпревари, ние се подготвуваме за Лигата на Нации. Со овие и со оние кои ќе се вратат од повреди, ќе направиме една добра селекција“, рече предводникот на нашиот национален тим.





