Познати се три од четирите екипи кои следната сезона ќе настапуваат во Втората македонска фудбалска лига, по денешните бараж натпревари за пополнување на второлигашката конкуренција.
Екипата на Еуромилк ГЛ со победа од 2:1 против Каменица Саса обезбеди враќање во Втора МФЛ. Тимот од Горно Лисиче на најдобар можен начин ја заокружи успешната сезона и повторно ќе биде дел од второлигашкото друштво.
Еуромилк ГЛ поведе со голот на Димитар Стојановски во 47. минута. На 17 минути пред крајот од мечот Даријан Трајчов израмни на 1:1, а во 89-тата, Орхан Мфтар го постигна погодокот за триумф и пласман во повисок ранг.
Сигурен настап имаше и Кожуф, кој убедливо го совлада Борец со 4:0 и го потврди својот второлигашки статус. Гевгелискиот состав ја оправда фаворитската улога и без поголеми проблеми стигна до посакуваната цел.
Кожуф поведе преку Ристе Лембовски во 18. минута. Во последната минута од првиот дел Филип Тодороски зголеми на 2:0, а во 44-тата Петар Гугуљанов им носи предност на Гевгеличани од 3:0. Победата ја потврди Дарко Стојанов во 72. минута.
Во пресметката меѓу двата третолигашки тима, Камјани беше подобар од Победа Валандово и со триумф од 2:0 обезбеди место во Втората лига за следната сезона.
Натпреварот беше решен уште во првите осум минути. Во петтата Арлин Берзати го постигна водечкиот гол за тимот од Камењане, три минути подоцна меѓу стрелците се запиша Арменд Адеми.
Последниот патник во ВМФЛ ќе биде познат по неделниот бараж натпревар меѓу Тетекс и Влазними. Дуелот ќе се одигра на стадионот во Ѓорче Петров, по што ќе биде комплетиран составот на второлигашката конкуренција за сезоната 2026/27.
Фудбалската федерација на Македонија им го честита пласманот на екипите во Втора МФЛ и им посакува успех во понатамошните натпревари.




