Македонија ЃП се одјави од ПМФЛ со победа над Силекс

Во последното коло од Првата македонска фудбалска лига, фудбалерите на Македонија ЃП успеаја да го совладаат тимот на Силекс со 4-2, и со три бода да се збогуваат од настапите во ПМФЛ, со оглед дека „лавовите“ од идната сезона ќе играат во второлигашката конкуренција.

На стадионот во Ѓорче Петров попладнево, први во водство дојдоа домашните играчи откако Еступињан со волеј го совлада Ѓорѓиевски по нафрлената топка од левата страна.

Во 23. минута Македонија ЃП постигна уште еден гол, но по ВАР проверката се утврди дека Николиќ бил во офсајд.

Токму Николиќ во 28. минута направи пенал, откако го повлече Беровиќ, па по проверка на ВАР, беше досуден пенал, а во 32. минута Мишов прецизно го реализираше за израмнување.

Македонија ЃП тргна фуриозно во вториот дел, и веднаш постигна два гола. Грешка на гостинските играчи, после која Софијановски украде и тргна сам пред голот, додаде до Гереро, кој што стрелаше прецизно во голот на Силекс за 2-0.

Во 56. минута од средбата, по изведен корнер и невнимание на одбраната на Силекс, топката дојде до Гереро кој успеа да донесе 3-1.

Продолжија нападите на „лавовите“, а Еступињан ја погоди стативата.

Во 74. минута Силекс намали со голот на Донов. Точка на победата беше ставена во третата минута од судиското надополнување кога Ајдоган погоди од белата точка, и така успеа да ја „запечати“ победата на Македонија ЃП.