Тиквеш со убедлива победа над Работнички од 1-3 ја затвори сезоната во Првата македонска фудбалска лига, додека „романтичарите“ и официјално се простија од елитното друштво и следната сезона ќе настапуваат во Втората лига.
Натпреварот во Скопје немаше резултатско значење кога станува збор за опстанокот, но кавадарчани одиграа далеку поквалитетен меч и заслужено ги освоија бодовите.

Тиквеш го отвори резултатот во 32. минута преку Лавал, кој се реши на удар од дистанца од десната страна. Голманот Ондоа лошо интервенираше и дозволи топката да заврши во мрежата иако беше на поблиската статива.
Само неколку минути подоцна следуваше нов шок за домашниот тим. Стојкоски продре во шеснаесетникот и со прецизен удар по земја ја удвои предноста на гостите за сигурни 0-2 пред паузата.
Во вториот дел Работнички се обиде да се врати во игра, но наместо тоа, Тиквеш постигна и трет погодок, иако играше со играч помалку, откако поради игра со рака надвор од шеснаесетникот исклучен беше голманот Стефан Тасев.

Бошнаков се лизна во незгоден момент, Сила ја украде топката и излезе сам пред голот, по што рутински реализираше за убедливи 0-3.
Во самиот финиш Работнички успеа само да го ублажи поразот преку стоперот Егзон Белица, кој го постигна почесниот погодок за конечни 1-3.
Со овој триумф Тиквеш ја заврши сезоната на петтата позиција со 48 освоени бодови, додека Работнички со 34 поени се сели во понизок ранг на натпреварување.





