Битолските „зелено-бели“ конечно одиграа натпревар на кој доминираа од првата до последната минута и не оставија простор за сомнеж кој ќе ги однесе трите бода.
Иако Македонија ЃП е традиционално тежок противник за Пелистер, домашните успеаја да креираат иницијатива од почеток и да создадат повеќе шанси од кои можеа да постигнат гол.
Веќе во 9 минута Булатовиќ беше проигран при неуспешна офсајд стапица, но не успеа да упати прецизен шут во голот, опкружен со противничките играчи. Три минути подоцна, Спировски доби повратна топка, но биеше слабо, по земја. Лука Булатовиќ повторно беше проигран во казнетиот простор на противникот во 19 минута, но Јанков „му влета“ во нозе и успеа да добие и прекршок. При следниот напад во 22 минута, Бошковски со центаршут беше пронајден на десната страна, исто така без добар шут, по земја, топката беше лесен плен.

Гостите од Скопје почнаа да комбинираат на противничката половина од средината на првиот дел, па во 23 минута Гереро втрча во една недоволно изработена акција, но се најде во офсајд. Џангаровски беше забележителен во првиот дел, а во 33 минута и самиот имаше обид, но неуспешен.
Две голмански интервенции беа забележителни: во 26 минута Булатовиќ од слободен удар го принуди Јанков да исфрли во корнер, а во 42 минута Ајдоган во трк и со чувар крај себе успеа да упати прецизен шут, а Јовчевски исто така изби во корнер. Меѓу тие две ситуации Пелистер имаше уште три шанси преку Крстевски од десната страна, и Кереим од левата, но најсериозна беше онаа во 31 минута кога Спировски со глава го совлада Јанков, но Пецов ја исфрли топката од гол линијата.

Последна закана на Пелистер пред паузата дојде по нафрлањето на Булатовиќ од скратен корнер, а Кире Ристевски со глава биеше над пречката.
Во второто полувреме (49 минута) конечно домашните се израдуваа, откако акцијата на Спировски се прошири во лево преку Керим, за овој да го проигра капитенот Мирко Ивановски кој рутинирано ја смири топката за потоа да бие неодбранливо. Во затишјето кое уследи, уште еден клучен момент: црвен картон за Гереро при обострано туркање и фаулирање со Здравковиќ, но играчот на гостите беше санкциониран за приговор кон судијата. Тоа ги остави „лавовите“ со минимални шанси, но продолжија машки да се борат, па во 64 минута Пецов беше сам по десната страна, но Јовчевски успеа да ја исфрли топката.
Конечните 2:0 ги постави Србијанац во мирна акција која тргна од сопствената половина, а тој ја презема топката од средината на теренот и ја искористи теренската надмоќ и оставен простор, па откако се проби до шеснаесетникот, спектакуларно ја затресе мрежата на Јанков.

До крајот домашните имаа уште три изгледни шанси, првата по ацијата на Ристовски и Петковски, а во втората Спироски убаво го најде Петковски, но овој и во двата наврати беше непрецизен. Во судиското надополнување своја шанса создадоа Ангелевски и Мрмачевски, но Јанков успеа да одбрани.
Со овие три бода Пелистер сега е на 9. место на табелата со 29 бода, а зад него се трите позиции кои водат во ВМФЛ. Во моментов, Работнички има 25 бода (и натпревар помалку), Македонија ЃП е претпоследна со 24 и Шкупи има само еден бод.
Во следното коло Македонија ЃП е домаќин на Работнички, а Пелистер гостува кај Брера.





